17.04.2024 Скопје
Владата вчера попладнето донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со кои ќе се предвидат севкупните права и одговорности на специјализантите по медицина по нивните дводневни протести.
На 15-та седница на Владата на Република Северна Македонија беше разгледана Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата.
„Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус. Во изминативе неколку години, значително се покачени платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и е вратено достоинството на сите здравствени работници и соработници“, соопшти Владата.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи, да достави комплетна информација по однос на случувањата на настанот поврзан со новинарот Фуркан Салиу, согласно барањето од Советот на Европа за давање одговор околу овој случај.
Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование треба да достават информација во врска со ефикасно решавање на прашањето за престој на студенти кои по основ на Мобилност, согласно Еразмус програмата, имаат потреба да престојуваат во државава не повеќе од еден семестар.
Мобилноста, во рамки на образовниот процес, како што е констатирано, е усогласување со праксата на Европската Унија и е потребно поедноставување на процедурите за краткорочен престој по овој основ, наспроти стандардните процедури за одобрување престој за повеќегодишно студирање.
Владата заклучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието и овие два неработни дена нема да се одработуваат.
Подготвено од М.Д.