MIKROFONI NOVINARI

03.04.2024 Скопје

Од штабот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски информираат дека останува во мирување неговиот предлог за одржување на мастер – дебати на сите претседателски кандидати. Образложението е дека нема политички ниту медиумски одржливи околности за ваков тип на дебата. Конкретно, нема информација зошто.

„Нема да се одржат мастер дебати со сите претседателски кандидати. Изминатиот период, преку интензивна комуникација на изборните штабови на сите седум претседателски кандидати беше постигнат консензус за одржување на две големи т.н. „мастер дебати“. На тој начин, во духот на демократијата и транспарентноста, јавноста ќе следеше отворена дебата за прашањата за кои се залагаат претседателските кандидати и за нивните програми.

Исто така, штабот на кандидатот Стево Пендаровски одржа состаноци со одговорните лица од националните телевизии, како и последователни состаноци со претставници од изборните штабови на претседателските кандидати со цел да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите, како и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања.

Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.

Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие мастер дебати“, се вели во информацијата од кабинетот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Инаку, познато е дека неодамна беше брифирано дека претседателските кандидати начално се согласиле за една мастер дебата на неутрален терен иако „одредени кандидати имале резерви да учествуваат со определени други кандидати.

Познато е дека неодамна претседателскиот кандидат Бујар Османи на ифтарска вечера ги покани противкандидатите, но не ги наведе имињата на Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска. Очигледно, затоа што Јакимовски е на „црната листа“ на САД, а Ванковска заради постојаното тврдење на ДУИ и од Османи, дека Левица која ја кандидира Ванковска има „проруски и анти НАТО ставови“, а двете „причини“ заедно не се вклопуваат во изразито проамериканскиот, пронато и антирускиот став на ДУИ.

Јакимовски и Ванковска не изразија жалење заради недобивањето покана. Ванковска рече дека не би ни отишла на ифтар вечера кај Османи во време кога деца умираат од глад во Појасот Газа. Јакимовски рече дека станува збор за нечесен потег на нечесен човек (Османи), но и додаде дека веројатно не би имал време да отиде бидејќи имал повеќе покани од пријатели за ифтар-вечера. Тој во врска со резервите на „некои противкандидати“ да учествува и тој во мастер дебата, оцени дека станува збор за страв од соочување поради незнаење и страв од соочување со вистината.

Инаку, од штабот на Пендаровски беше најавено дека тој без исклучок ги кани сите противкандидати на мастер дебата и дека нема да има исклучување на кандидати без оглед на некои барања за изземање на своите ривали.

Идејата беше да се дебатира на неутрален терен со можност секоја партија да донесе своја публика, а сите медиуми да можат да вршат пренос во живо.

Подготвено од М.Д.

About Author