grcija sud

04.04.2024 Скопје

Врховниот суд на Грција со писмо предупредува за злоупотреба на Преспанскиот Договор од македонска страна. Ваква вест циркулира низ грчките медиуми последните два дена. Според нив, реакцијата на судот во Грција е поради две меѓународни правни конференции надвор од ЕУ, кога претставници од земјава учествувале под името Република Македонија.

Треба да се биде внимателен и веднаш да се реагира, за да се обезбеди правилна употреба на името на северниот сосед. Во случај на неточна пријава од претставник на горенаведената земја или трета држава или од организаторот, тие мора да реагираат до организаторите со повикување на договорот и да не се потпишуваат на никакви заклучоци или заеднички соопштенија од тие собири.

А на панел дискусија помеѓу поранешните шефови на дипломатии на Грција, Коѕијас, Бакојани и Венизелос, потписникот на Преспанскиот договор – Коѕијас ја критикуваше грчката влада. Кажа, дека не го спроведува и го третира Преспанскиот договор како внатрепартиски проблем. Коѕијас порача и дека не е добро за Грција ако договорот не функционира, а се наврати и на преговорите за името.

„Во меѓународното право, прашањето на идентитетот не е предмет, може да се зборува само за етничка припадност и државјанство. Им реков на Американците да не се мешаат во преговорите, бидејки автоматски ќе ги прекинам. Тажен сум што владата на Нова Демократија го третира прашањето за Договорот од Преспа како внатрепартиски проблем. Не е добро за земјата ако овој договор не функционира“, вели Никос Коѕијас екс МНР на Грција.

Инаку официјална Атина се уште ги нема ратификувано трите меморандуми, кои се заглавени во грчкиот парламент, а за кои предупреди и грчката опозиција. Еден од тие меморандуми е и контролата на воздушниот простор над земјава, од страна на грчката воена авијација. Не се променети ниту таблите. Пред една недела пак, во Скопје се оддржа состанок на македонската и грчката комисија за образовни прашања. Без детали, беше објавено , само дека двете делегации се согласиле да ја продолжат работата.

Подготвено од М.Д.

About Author