18.04.2024 Скопје
Итно е потребно менување на стратегијата за поддршка на земјоделството, оти сите показатели одат во правец на фактот дека милионските субвенции што ги дава државата ја „утнале“ адресата, Горан Георгиевски, претседател на Агрокомората при ССК.
Тој открива дека е фрапиран од податокот дека дури 80 отсто од суровините за производство на храна се од увоз, а само 20 отсто е домашно.
Затоа, вели Георгиевски не треба да очекуваме евтина храна, со скапи увозни суровини. Според него упорно се избегнува фактот дека – нивите ни се испустеа затоа што земјоделството е ниско продуктивно, па мора да се најде начин субвенционирањето да заврши кај производителите.
Како да очекуваме зголемен интерес кај оние што се занимаваат со земјоделство ако тоа не ги покрива ни основните трошоци за производство. Сè е увозно, а тоа значи зголемени давачки за царини и увозни такси. Во изминатите десетина години, државата ги демотивираше земјоделците, затоа и имаме вакви фрапантни бројки за увоз на храна и високи цени на зеленчукот и овошјето. Излегува дека парите се фрлени во ветер, а Република Северна Македонија некогаш го хранеше регионот – вели Георгиевски .
Експертите од Светска банка пред некој ден меѓу другото го нотираа и податокот дека во Република Северна Македонија треба да се произведува повеќе храна отколку што се увезува.
Подготвено од М.Д.