zelka-pixa

11.04.2024 Скопје

Зелката неколку години е најизвезуваниот зеленчук од Република Северна Македонија. Лани извозот достигнал фантастични 29.9 милиони евра, што е раст од 21% во споредба со 2022 година.

Неодамна министерот за земјоделство Љупчо Николовски објави податоци, според кои во 2023 е направен рекорден извоз на зелка од 29.9 милиони евра.Просечната цена на извозната зелка била 0.47 евра по килограм, што е највисока евидентирана досега.

„За разлика од 2016 година кога извозот е 15,4 милиони евра со просечна цена од 0.23 евра по килограм. Македонската зелка се продавала на 27 пазари низ целиот свет, а највисока извозна цена е постигната во Финска и Норвешка“, објави Николовски.

Првите количини пролетна зелка годинава се откупуваа за 40 денари за килограм. Освен на балканските пазари, струмичката пролетна зелка се пласира во сите земји на ЕУ и Украина. Почетната откупна цена на зелката секогаш е висока за првите берби и до крај на бербата цената паѓа но земјоделците главно се задоволни од просечната цена која ќе ја имаат со завршување на сезоната.

„До пред три дена имавме зголемено побарување за зелката, но понудата беше мала. Не очекувам откупната цена од 40 денари да се задржи подолго, бидејќи во наредните недели интензивно ќе стасува производството, односно понудата ќе биде поголема од побарувачката и реално е цената да падне“, смета Благој Витанов, трговец од Струмица.

И производителите се задоволни од почетната откупна цена на пролетната зелка, која освен на откупувачите ја продаваат и на Пазарот на големо во Струмица.

Подготвено од М.Д.

About Author