27.04.2024 Скопје
Слабоста на германската економија почнува да се чувствува на пазарот на трудот, предупреди во петокот економскиот институт IW во своето последно истражување, оценувајќи дека до крајот на годината бројот на невработени би можел да достигне највисоко ниво во последните речиси десет години.
До крајот на годината Германија би требало да има речиси 2,8 милиони невработени, најмногу од 2015 година, покажува истражувањето под наслов „Враќањето на невработеноста?“.
Бројката е сè уште значително помала отколку во 2005 година, кога речиси 4,9 милиони германски граѓани беа без работа, забележуваат авторите на истражувањето.
Пазарот на трудот минатата година беше доста стабилен, и покрај рецесијата, изјави експертот за пазарот на трудот на IW, Холгер Шефер.
„Оваа година посилно ги чувствуваме последиците од економската криза“, додаде Шефер.
Според него, плановите на компанијата не укажуваат на поголем број вработени до крајот на годината.
„Бројот на новорегистрирани слободни работни места падна во март на најниско ниво во последните пет години“, нагласи тој.
Стапката на невработеност во Германија оваа година ќе се зголеми на шест проценти, пресмета IW.
Владата очекува тој да изнесува 5,8 отсто и да биде повисок за 0,1 процентен поен отколку во 2023 година. Во 2025 година би требало да се лизне на 5,7 отсто.
„Постепеното заживување на економијата веројатно ќе резултира со повторени, малку позабележителни вработувања и постепено намалување на невработеноста“, се вели во пролетните прогнози на владата, објавени во четвртокот.
Германската економија се намалила во 2023 година за 0,3 отсто, но бројот на вработени се зголемил за 340.000 или 0,7 отсто.
Експертите на IW го припишуваат зголемувањето на напорите на компаниите да задржат квалификувани работници дури и ако немаат доволно работа за нив, стравувајќи од недостиг на работна сила во иднина поради демографските промени.
Но, компаниите не можат да го прават тоа на неодредено време.
„Како што се продолжува периодот на слабост, се зголемуваат шансите бројот на вработени да мора да се прилагоди бидејќи континуираниот пад на продуктивноста ќе ја наруши конкурентноста на компаниите“, потсетува Шафер.
Подготвено од А.Ѓ.