GASOVOD

08.04.2024 Скопје

АД Номагас, националниот оператор на системот за пренос на гас, платил провизија за неповлечени средства од над 400 милиони денари, поради тоа што не ги трошел договорените износи од кредитирањето од Дојче Банка и Ерсте Банка за проектот за изградба на магистралните гасоводи Штип – Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар.

Ова меѓудругото го констатира Државниот завод за ревизија во својот последен извештај за „развојот на системот за гасификација во Македонија“ во последните години. Станува збор за околу 412 милиони денари, или околу 6,75 милиони евра, кои акционерското друштво требало да ги плати како еден вид „санкција“ за непотрошени средства од подкредитот на меѓународните финансиски институции за изградба на двете гасоводни делници.

Кредитот од 90 милиони евра беше договорен во 2015 со рок на враќање од седум години и грејс период од три години. Во озаконувањето на договорот со банките беше предвидено дека парите може да се користат и за буџетска поддршка. По девет години , гасоводите се речиси изградени но не се пуштени во употреба поради недовршена експропријација.

Државниот ревизор не се согласува со констатацијата на „Номагас“ дека сметководствено тоа се „материјални средства во подготовка“ и „други трошоци на ентитетот“, туку дека треба јасно да се евидентира дека „конкретниот закон за задолжување јасно пропишува дека на износот од неповлечените средства од заемот, ќе се плаќа провизија во износ од 2,47 отсто на годишно ниво, односно истиот не ја регулира провизијата како други трошоци коишто ентитетот ги прави во врска со позајмувањето на финансиските средства“.

Во самиот одговор што го добил ревизорот од „Номагас“, операторот возвратил дека станува збор за „капитализирање на трошоците од позајмување (камати и крусни разлики“ и „финансиски трошок надвор од договорот за максималниот износ кој може да се повлече“. Ова ревизорот не го прифаќа како објаснување.

За задолжувањето за изградба на оваа фаза од гасификацијата бил склучен договор за кредитирање од 90 милиони евра, но за доспеаните долгови биле пролонгирани роковите преку Министерството за финансии и тоа на два пати – од кои првиот рок на допсевање од декември 2021 се одложува за јули 2023, а вториот од март 2023 за април 2025.

„ Согласно член 2 од договорот за подзаем, предвидено е за неповлечените средства од подзаемот да се плаќа провизија во износ од 2,47 отсто на годишно ниво. Согласно добиените податоци од субјектот предмет на ревизија, заклучно со 31 август 2023, износот на провизијата за неповлечени средства од кредитот, изнесуваат 412.407.000 денари“, констатира ДЗР.

Подготвено од М.Д.

About Author