16.04.2024 Скопје
Европскиот парламент (ЕП) ја исправи грешката откако вчера македонските медиуми известија дека на официјалната интернет-страница на парламентот пишува дека „северномакедонската“ влада предводена од премиерот Талат Џафери продолжува да ги продлабочува односите со Европската Унија (ЕУ).
Од Министерството за надворешни работи (МНР) велат дека вчера веднаш била испратена реакција до Европскиот парламент.
„Министерството за надворешни работи континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Република Северна Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, ентитети итн…, кои погрешно употребиле било кој од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите Нации.
Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш корегирана“, иформираа денеска од МНР.
Македонските медиуми вчера известија дека на официјалната интернет-страница на парламентот пишува дека „северномакедонската“ влада предводена од премиерот Талат Џафери продолжува да ги продлабочува односите со Европската Унија (ЕУ).
Во написот меѓу другото пишува дека како дел од Договорот од Преспа од јуни 2018 година, земјата го промени своето име во Република Северна Македонија, во замена Грција да го прекине ветото за нејзиниот пристап во ЕУ и НАТО.
Според Преспанскиот договор јавните институции и државните органи ќе се нарекуваат согласно новото уставно име.
„Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно ‘на Република Северна Македонија’ или ‘на Северна Македонија’“, пишува меѓу другото во договорот од Преспа.
Подготвено од М.Д.