30.04.2024 Скопје
Шпанскиот премиер Педро Санчез соопшти дека ќе продолжи да ја извршува функцијата по неколкудневно размислување, откако против неговата сопруга беше поднесена кривична пријава за корупција од страна на крајната десница во земјата.
Минатата недела премиерот Санчез ја шокираше шпанската јавност, објавувајќи дека ќе ги откаже сите активности и пет денови воопшто нема да доаѓа на работа, период кој според него му беше потребен да размисли дали сака и понатаму да ја извршува функцијата.
Кривичната пријава против неговата сопруга Бегоња Гомез која беше поднесена од крајно десничарската правна платформа „Чисти раце“, подоцна беше повлечена и поднесувачите признаа дека биле погрешно наведени да поверуваат во вистинитоста на обвинувањата.
Ова е втор мандат на Санчез како премиер на Шпанија. Првата влада ја формираше во 2018 година, а минатата година доби втор мандат откако во ноември успеа да формира ново мнозинство.
Подготвено од М.Д.