17.04.2024 Скопје
Парламентарното собрание на Советот на Европа вчеравечер соопшти дека со препораката да се одобри Косово да стане членка на Советот на Европа, одлучи да го следи исполнувањето на обемната листа на обврски за пристапување, меѓу кои и формирањето на Заедницата на српските општини треба да биде постпристапна обврска.
Парламентарното собрание на Советот на Европа оцени дека формирањето на Заедницата на српските општини ќе биде „важен чекор“ за обезбедување заштита на правата на Србите, додека го поздрави спроведувањето на таканаречената пресуда како „голем чекор напред“ на Уставниот суд во Приштина во случајот со манастирот Високи Дечани.
Собранието признава дека апликацијата е поднесена во „невидени околности“ со оглед на тоа што голем број земји-членки на СЕ не го признаваат Косово како држава и повика на „дипломатија, дијалог и компромис“.
Комитетот на министри на Советот на Европа беше поканет да обезбеди дека членството на таканареченото Косово е „без прејудицирање на ставовите на поединечните земји-членки во однос на државноста на Косово“.
Во соопштението се наведува и дека членството во Советот на Европа ќе му помогне на самопрогласеното Косово „да се справи со отворените предизвици и прашања од интерес“.
Барањето на Приштина ќе биде одобрено доколку добие двотретинско мнозинство од гласовите на министрите или амбасадорите кои ќе ги претставуваат на состанокот на Комитетот на министри, што треба да се одржи од 16 до 17 мај.
Подготвено од А.Ѓ.