15.04.2024 Скопје
Папата Франциско ги повика Иран и Израел да избегнат чекори кои би можеле да поттикнат „спирала на насилство“ што би ризикувала да го втурне Блискиот Исток подлабоко во конфликт.
Обраќајќи им се на аџиите на плоштадот Свети Петар, папата Франциско рече дека со загриженост и болка ги следи вестите за иранскиот напад со беспилотни летала и ракети врз Израел.
„Апелирам од дното на моето срце да се прекине со секоја акција што може да поттикне спирала на насилство со ризик да го вовлече Блискиот Исток во уште поголем конфликт“, посочи тој.
Папата Франциско рече дека никој не треба да го загрозува постоењето на другите.
„Наместо тоа, сите нации треба да се залагаат за мир и да им помогнат на Израелците и Палестинците да живеат во две држави, рамо до рамо, безбедно“, додаде тој.
Папата Франциско повика на прекин на огнот во Газа и почеток на преговори за да се овозможи доставување хуманитарна помош до нејзиниот народ и да се помогне во ослободувањето на израелските заложници, земени од Хамас во нападот на Израел на 7 октомври.
„Доста е војна, доволно напади, доволно насилство. Да за дијалог, да за мир“, нагласи тој.
Подготвено од А.Ѓ.