zatvor

04.04.2024 Скопје

Мистериозен тунел во изградба е откриен во близина на затвор во јужен Париз при рутинска работа на електричната мрежа, а полицијата соопшти дека тунелот не бил дел од план за бегство.

До откритието дошол во вторникот техничар од Енедис, кој управува со електродистрибутивната мрежа во Франција, за време на работа во „бунар за електричен приклучок“ на околу 450 метри од затворот Ла Санте, изјави полициски извор.

На местото на настанот се пронајдени вреќи со чакал и кревет, додаде изворот.

Гијом Диран, службеник во 14-от арондисман на француската престолнина, каде што се наоѓа затворот, изјавил дека не верува оти бил подготвен план за бегство.

„Тоа е тунел од четири метри, во слепа улица на повеќе од 500 метри од затворот. Полицијата верува дека тоа е нешто што би имало цел да им го олесни пристапот до катакомбите на тајните истражувачи на подземните гробници“, рече тој, додавајќи дека инженери се испратени на локацијата да ја пополнат дупката.

Париските катакомби се една од најпопуларните атракции во градот и привлекуваат околу 500.000 посетители годишно.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author