18.04.2024 Скопје
Осомничените за упадот во М-НАВ редовно одат на работа во административната служба на контролата на летање додека истрагата за нивното кривично дело се уште трае.
За сите 8-мина осомничени во важност се изречените мерки за обезбедување на присуство, односно ги имаат предадено пасошите, мора да се јавуваат во суд и имаат забрана за меѓусебно комуникација.
Бидејќи мерките им овозможуваат слободно движење, осомничените кои се вработени во М-Нав слободно може да одат на работа откако за време на притворите ги користеле годишните одмори.
Досега М Нав не соопшти ниту дали се водат дисциплински постапки за вработените кои на 4-ти јануари упаднаа во зградата на Кулата на летање во Петровец и нападнаа еден контролор на летање внатре во објектот кој по дефиниција е дел од критичната инфраструктура.
Истрагата е отворена за тешкото кривично дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај за кое е предвидена минимална затворска казна од 5 години.
Скопското обвинителство во рамки на истрагата побара одговори и податоци од Еуроконтрол за денот и за известувањата кои ги добиле од скопската контрола на летање за инцидентот во кулата на летање на аеродромот. По добивањето на одговорите ќе следува и одлука за обвинение.
Од друга страна, скопското Вишо Јавно обвинителство сугерирало истрагата да го смени сериозното кривично дело за групата која ја предводеше Беким Незири, шеф на партискиот огранок на ДУИ во Чаир.
И претходно во постапките за притвор за осомничените, Вишото јавно обвинителство му контрираше на пониското скопско обвинителство, а СДК наведува дека Вишото, раководено од обвинителот Мустафа Хајрулахи, сугерирало дека нема доволно докази за меѓународното кривично дело за загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај.
Подготвено од М.Д.