11.04.2024 Скопје
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека пакетот реформски закони за азил и миграција е „нов клинец во ковчегот на ЕУ“ и порача дека Унгарија нема да попушти пред „лудилото на масовната миграција“.
„Единството е мртво, нема безбедни граници. Унгарија нема да попушти пред лудилото на масовната миграција. Потребни се промени во Брисел за да се запре миграцијата“, напиша Орбан на социјалната мрежа X.
Претходно, пратениците на Европскиот парламент усвоија пакет од десет закони за реформа на миграциската и азилантската политика, договорено со членките на ЕУ.
Реформите не го сменија основното правило според кое за него е одговорна првата земја од ЕУ каде што пристигнува барател на азил.
Меѓутоа, сега е вклучен „механизам за солидарност“, кој бара од сите земји на ЕУ да им помогнат на тешко погодените земји како Италија и Грција кога ќе се соочат со притисокот од мигрантските текови или да дадат одреден финансиски придонес.
Откако Европскиот совет официјално ќе го одобри пакетот, законите ќе стапат на сила по објавувањето во Службен весник.
Законите треба да почнат да се применуваат за две години.
Членките на ЕУ ќе имаат рок од две години да направат измени во нивното национално законодавство.
Подготвено од А.Ѓ.