03.04.2024 Скопје
Од минатата среда (27 март), укинат е патничкиот воз кој наутро поаѓаше од Скопје за Гегвелија, а попладне се враќаше. Во соопштението објавено на веб страната на АД МЖ Транспорт нема детали зошто возот е укинат, ниту дали и кога може да се очекува повторно да сообраќа.
„ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација Скопје – Гевгелија – Скопје дека од ден 27 март, до следно известување нема да сообраќаат патничкиот воз бр. 611 кој поаѓа од Скопје во 06.23 часот и воз бр. 632 кој поаѓа од Гевгелија во 17.02 часот“, пишува во соопштението.
За Гевгелија останува да вози единствениот патничкиот воз кој од Скопје тргнува во 16.55 а од Гевгелија во 4.40 часот. На оваа релација сообраќаа два пара патнички возови, и двата електрични.
Од пред една недела АД МЖ ТРанспорт ги врати во сообраќај двата патнички воза од Скопје за Битола и назад, кои беа расипани и четири месеци вон употреба. Сите патнички гарнитури кои сообраќаат во земајва се од кинеско производство а пуштени се во сообраќај од 2015.
Поради немање доволно локомотиви и патнички гарнитури, од мај 2021 не сообраќаат возовите од Скопје за Кочани и за Кичево, а од почетокот на 2023 ниту возот за Табановце и Куманово.
Подготвено од М.Д.