https://www.facebook.com/PartijaLevica/photos/bc.AbqxvE8qLmJVTBVO5E0gFgJhn1j1zauxyiCvM46vJTW9MuVmv39cj4LCRdLJIya-4Y_Uj52RTdGmK-EsVB_XjjP-e_8ZW35bwaQbv--0BtTFHlyNlKY-ce8Z3JLxDg-S0muJVYMYaAcu5DpBvBGL-5hAetX8qQXlB-EUo8Ycegi9Toq5H7Z5cdcApPy2jA19su8-XOoYvrufkNiuWaN9aFcJT6MsxpkiqBVYDWm1UnuODo13mP6nCINRQPtxdRKEa4hkR-n9a2O1RKiQeMkRIce4CfNhzRdKUCpE773Uabzu7zNMIa-S3PQAi16thy8tCKk/543161826610330/?opaqueCursor=Abp1E_3DjX-2TlCR7AEBXtSl5l16sOG4b56IEmNEw9t0jTlVtOTdHfigvzvJN3C0NQBXUw2KDNnFZjrmnO3FqxEsymF2p3BYEzHUfvNeYcX8bYDOZxhm2ln_5KJwihluz0mHeSPpWFsFGhsHoRIYSJ3tvwmpBOZd4bG48cz15u6LFeq5O6JGSF1S7eHND1YnRceXDkPyTODx4yL_CFwiv0mTTjhBrl-Kqs_pmAXUR6UZYVtm-LruqTrkVO2BnZyuvYPlxATA3ixULEzpBbhvyqORMW_QverOJ99YNPEdOpOXBHO5UdgMQXe3IepYPgP9Ydr9P9XeyawhDAEQhaTd0xl-2ke80yL-1RQcxyr9YhcuuLBP7TffX6O6wfMD47QyZC_6rbj0q5ska5lhn4cXYwHVuAGiey2fJ3n1-M_zhAsPamYGHDumdIOLeINR3uE8IFdHgHb_Ye8SAxunlaORf4Gj9AQUPa_j8JNF-TjxAJBr1PPvy7n-qk6C6AOeB7-ILupP5aIx3lpBeD4TqijAqAi4u8azDgy5rsFm9W_VO7PPcQx311aznsvSe4_TRzKINnaaXW6C2i8uQUmlGRwmOFUX895LgqvySwUM58z3tlTkVUMBQgllMMjSb9Y0NDKyx1M

18.04.2024 Скопје

Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти. Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но сепак ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики што влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите.

Како што информираше Народната банка, понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се на нивоа од 4,20 проценти и 4,25 проценти.

Оттаму посочуваат дека во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носење на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика бил ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии.

Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесувало 4.287,1 милион евра, што, според Народната банка, е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Трговскиот дефицит во првите два месеца од годинава, според последните расположливи податоци од надворешниот сектор, е малку повисок од очекувањата со октомврискиот циклус проекции, а остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година и за целата година, како што посочува Народната банка, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.

Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март годинава, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата, а од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.

Подготвено од М.Д.

About Author