12.04.2024 Скопје
Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик „Ваучери за иновации за Западен Балкан”, со кој вкупно 240 илјади евра ќе се доделат за поттикнување на соработката помеѓу академската заедница со домашните, мали и средни компании, во насока на поддршка на научно истражувачки проекти кои ќе придонесат кон зголемување на иновативноста и конкурентноста на бизнисите.
Пилот програмата „Ваучери за иновации за Западен Балкан” ја реализира Фондот за иновации и технолошки развој како дел од европскиот проект „Policy Answer” (Одговори за јавните политики – креирање, спроведување и поддршка на политиките за истражување и развој на Западен Балкан), во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија.
Главен критериум за подобност за прекураничката соработка е апликантот и давателот на услугата мора да бидат од две различни економии на Западен Балкан. На јавниот повик можат да аплицираат: правни деловни субјекти регистрирани како микро, мали или средна компанија во која било од економиите на земјите од Западен Балкан, инкорпориран според соодветниот актуелен Закон за трговски друштва на земјите од Западен Балкан и регистриран во која било агенција за регистрација на бизниси на земјите од Западен Балкан и лоциран во земјите од Западен Балкан.
Иновациските ваучери ќе можат да се искористат за покривање на 80% од вкупните трошоци на високо образовните институции, во износ од 8.000 евра без данок на додадена вредност (ДДВ). Останатиот дел од 20 отсто е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Доделените Ваучери за иновации примателот треба да ги искористи во период до девет месеца од датумот на потпишување на договорот.
Средствата од ваучерите ќе можат да се искористат за пренос на научно, технолошко или иновативно знаење што е ново за компанијата или за решавање на техничко/технолошки проблем што ќе го идентификува компанијата, односно за: развој на нови или подобрување на постоечките производи, процеси или услуги, доказ за концепт, физибилити студија, производство на лабораториски прототипови, производство на демонстративни прототипови, различни видови тестови, валидизација на технологијата, валидизација на нови или подобрени производи, процеси или услуги, развој и воведување на специјален софтвер за производ или процес, како и ИПР и трансфер на технологија.
Подготвено од М.Д.