17.04.2024 Скопје
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола го промовираше првиот број на списанието „Нови хоризонти“ наменето за објава на квалитетни студентски истражувања и Зборникот на трудови од одржаната Студентска универзитетска конференција.
Главниот и одговорен уредник на списанието проф. д-р Горан Илиќ изјави дека ова е прво македонско списание од ваков вид, а Битолскиот универзитет уште еднаш се појавува како пионер знаменосец на промени во општеството и академската средина. Во списанието може да објавуваат само студенти, под услов да имаат ментор, а истражувањето да биде квалитетно изведено по сите научни стандарди.
„Ова ќе стане сериозно и престижно списание кое во ќе привлече и автори студенти од странство. Ова ќе биде прозорец на нашиот Универзитет кон светот“, рече Илиќ, кој е проректор за наука.
Списанието има меѓународен уреднички комитет. Во првиот број на „Нови хоризонти“ се шест студентски трудови, а во Зборникот 19.
„Во следниот период ќе издадеме уште еден зборник на апстракти со цел ниту еден студент да не се почувствува изоставен и ниеден труд да не остане незабележан во нашите универзитетски списанија. Имаме високо ниво на поставени критериуми, а списанието ќе овозможи поголема видливост на студентската работа“, рече проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, проректорка за студентски работи на УКЛО.
Подготвено од М.Д.