02.04.2024 Скопје
После посетата на Единицата за внатрешни работи Чаир каде бев запознаен со катастрофалната состојба на објектот каде работат полициските службеници, бев во посета и на Општина Бутел каде со градоначалникот Дарко Костовски разговаравме за овој проблем, пишува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од негова страна ми беше посочено дека во минатото многу пати овој проблем бил тема на разговор, но од страна на Министерството за внатрешни работи немало конкретно решение. Од тие причини тој заедно со своите соработници од Општина Бутел во рамките на нивните надлежности започнале постапка за определување на парцела за изградба на комплетно нова полициска станица и во овој момент во фаза на завршница е планската документација.
Од моја страна беше потенцирано дека со оглед на техничката природа на актуелната Влада и фактот што се наоѓаме во предизборен период, ова прашање ќе биде покренато веднаш штом се формира нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе ги преземе сите чекори со цел граѓаните на Бутел и полициските службеници да добијат нов објект изграден според најсовремени стандарди, бидејќи најмалку што заслужуваат е да работат во нормални и хумани услови, напиша Тошковски.
Подготвено од М.Д.