poplavi

12.04.2024 Скопје

Нивото на водата во реката Урал во Оренбург, во руската област Оренбург, во текот на ноќта надмина 11 метри и достигна 1.120 сантиметри, изјави првиот заменик градоначалник Алексеј Кудинов.

Кудинов рече дека во текот на ноќта во Оренбург се поплавени уште 361 куќа и 900 приватни парцели, како и дека уште 99 жители се евакуирани, со што бројот на лицата во привремените сместувања се искачи на 165.

Тој изјави дека врвот на поплавниот бран се очекува денеска, по што нивото на Урал ќе падне.

Нивото на водата во селото Каминское во руската Курганска област, на границата со Казахстан, во текот на ноќта порасна за 140 сантиметри, поради што жителите се евакуираат, изјави началникот на регионот Вадим Шумков.

Руските региони во јужниот дел на Урал годинава се соочија со невидени поплави, а најлоша е ситуацијата во регионот Оренбург, каде што на 5 април пукна браната што го штити градот од реката Урал во градот Орск.

Извршена е масовна евакуација на жителите од делот наречен Стар град, а во тој реон е воведена вонредна состојба од федерални размери.

Според проценките на регионалната влада, штетата од поплавите би можела да изнесува околу 208 милиони евра.

Вонредна состојба е на сила и во регионите Курган и Тјумен.

Властите на соседен Казахстан соопштија дека сегашните поплави се најголеми во последните 80 години, а во некои области на таа земја е прогласена вонредна состојба.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author