avstraliska policija

16.04.2024 Скопје

Полицијата во Австралија денеска соопшти дека нападот со нож во црква во Сиднеј бил верски мотивиран „терористички чин“.

Шеснаесетгодишно момче е уапсено откако верски водач, свештеник и верници вчера беа нападнати за време на богослужба во црквата на Христос Добриот Пастир во западниот дел на Сиднеј.

Локалните медиуми јавуваат дека биле нападнати свештеникот именуван како отец Исак Рожел и верскиот водач Мар Мари Емануел.

Најмалку четири лица се здобиле со повреди кои не се опасни по живот, соопшти полицијата.

Австралиската полиција е убедена дека се работи за верски екстремизам, истрагата се уште е во тек, а властите се уште не ја прецизирале религијата на напаѓачот.

Нападот се случил во Вејкли, 30 километри западно од деловниот центар во Сиднеј, вчера во 19 часот по локално време, за време на сервис кој се пренесувал во живо на интернет, а за време на инцидентот бил повреден и напаѓачот.

Шефицата на полицијата на Нов Јужен Велс, Карен Веб, утринава изјави дека верскиот водач и свештеникот биле оперирани и дека имале „среќа што се живи“.

Веб рече дека тинејџерот наводно му давал верски мотивирани коментари на верскиот водач додека се приближувал.

Полицијата смета дека целта на нападот била заплашување на верниците.

Напаѓачот дејствувал сам и, иако „познат на полицијата“, не бил на списокот за следење тероризам.

Наводниот сторител бил опериран откако се здобил со повреди на рацете, а се уште не е јасно дали се повредил или во конфликт со верниците.

Видеата од нападот се проширија на социјалните мрежи, а стотици луѓе набрзо се собраа во Асирската православна црква, која се наоѓа на околу 35 километри југозападно од центарот на градот.

Таму голем број луѓе се судрија со полицијата која ја обезбедува црквата.

Двајца полицајци се повредени, а уништени се 10 полициски автомобили.

Австралискиот премиер Ентони Албанес свика итен состанок на безбедносните агенции во земјата, нарекувајќи го нападот „вознемирувачки“.

Тој ги повика луѓето „да не го земаат законот во свои раце“.

Вејкли е центар на малата христијанска асирска заедница во Сиднеј, од кои многумина избегаа од прогон и војна во Ирак и Сирија.

Епископот Мар Мари Емануел е популарен, но предизвикува поделеност меѓу православната заедница и многу од неговите проповеди се споделуваат на интернет.

Тој го привлече вниманието за време на карантинот за време на корона вирусот во јуни 2021 година, кога ги критикуваше ограничувањата и вакцините.

Нападот доаѓа само неколку дена откако шест лица беа избодени со нож во трговскиот центар Westfield Bondi Junction во Сиднеј.

Засега нема информации дека овие два настани се поврзани.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author