baltimor most

01.04.2024 Скопје

Со напорите што се во тек да се исчистат илјадници тони челични остатоци од урнатиот мост во пристаништето Балтимор, гувернерот на Мериленд, Вес Мур синоќа ги повика републиканците да соработуваат со демократите за да ги одобрат федералните фондови за обнова на мостот и заживување на економијата на пристаништето.

Мостот Френсис Скот Ки во Балтимор се урна во вторникот рано наутро, при што загинаа шест работници на патиштата, кога голем транспортрен брод изгубил струја и удрил во потпорен столб. Голем дел од мостот се урна во реката.

Администрацијата на Бајден во четвртокот издаде 60 милиони долари првична итна помош за да помогне во расчистувањето на остатоците од мостот и повторното отворање на пристаништето, кое е најголемо во САД за увоз и извоз на рол-он, рол-оф возила за земјоделство и градежна опрема.

Пристаништето е затворено од вторникот, оставајќи ги работните места на околу 15.000 луѓе кои се потпираат на неговото секојдневно работење во неизвесност.

Федералните власти им рекоа на пратениците од Мериленд дека конечниот трошок за обнова на мостот може да порасне на најмалку 2 милијарди долари, објави Roll Call, цитирајќи извор запознаен со дискусиите.

Демократскиот претседател Џо Бајден вети дека федералната влада ќе ги покрие трошоците, но тоа ќе зависи од усвојувањето на законодавството со кое се овластуваат средствата и во Претставничкиот дом предводен од републиканците и во Сенатот предводен од демократите.

Се очекува Бајден да го посети местото на уривањето на мостот во текот оваа недела.

Подготвено од М.Д.

About Author