10.04.2024 Скопје
Службата за следење на климатските промени на ЕУ Коперник денеска објави дека овогодинешниот март бил најтоплиот март досега, при што температурата на површината на морето исто така достигна нов апсолутен месечен рекорд за глобалната температура на морињата.
Секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан на глобално ниво во споредба со соодветниот месец во претходните години, според Месечниот билтен на Коперник.
Така, тоа не беше само десетти последователен месец да го собори сопствениот топлотен рекорд, туку и „глобалната просечна температура во изминатите 12 месеци е највисока досега забележана“ и го надминува просекот од прединдустрискиот период за 1,58 степени Целзиусови поради една деценија емисиите на стакленички гасови, чиј ефект од средината на 2023 година особено ќе биде нагласен од феноменот Ел Нино, изјави Саманта Бургс, заменик-шеф на Службата за климатски промени Коперник.
„Тоа е долгорочен тренд со исклучителни рекорди за кои сме многу загрижени“, рече Бургс, додавајќи дека следењето и „проучувањето на ваквите записи месец по месец навистина ни покажува дека нашата клима многу брзо се менува“.
Сетот на податоци на Коперник датира од 1940 година, а научниците го споредија со други релевантни податоци за да потврдат дека минатиот месец беше најтоплиот март од прединдустриското време.
2023 година веќе беше најтоплата година на планетата според светските рекорди кои постојат од 1850 година.
Екстремните временски услови и екстремните температури направија хаос на глобално ниво оваа година. Сушата предизвикана од климатските промени во прашумите на Амазон од јануари до март поттикна рекорден број шумски пожари во Венецуела, а сушата во јужна Африка ги уништи посевите и остави милиони луѓе да се соочат со глад.
Бургс рече дека податоците за морињата и океаните се „не помалку шокантни“ бидејќи новиот глобален рекорд на температурата на површината на океаните, поставен во февруари, повторно беше соборен во март.
Океаните покриваат 70 отсто од планетата и ја одржуваат површината на Земјата погодна за живеење со апсорпција на 90 отсто од вишокот топлина произведена од загадувањето со јаглерод диоксид, резултат на човековата активност од почетокот на индустриската ера.
Научниците минатиот месец предупредија дека затоплувањето на океаните на јужната хемисфера ќе доведе до масовно белење на коралите и дека тоа може да биде најопасно во историјата на планетата.
Примарната причина за екстремната топлина се емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот, според билтенот Коперник.
Други фактори кои влијаат на зголемувањето на температурата се Ел Нино, природен метеоролошки феномен поврзан со затоплувањето на површинските води на источниот екваторијален Тихи Океан, што се случува циклично во период од три или осум години.
Ел Нино го достигна својот врв во декември и јануари и сега слабее, што може да помогне да се прекине жешката серија кон крајот на годината.
Потоплите океани значат повеќе влага во атмосферата. Научниците велат дека воздухот генерално може да задржи околу седум проценти повеќе водена пареа за секој Целзиусов степен на пораст на температурата.
Ова резултира со сè понепредвидливо време, како што се жестоки ветрови и обилни дождови.
„Знаеме дека периодот во кој живееме сега веројатно ќе биде најтоплиот во последните 100.000 години“, рече Бургс.
И додека се уриваат климатските рекорди, научниците расправаат дали екстремните горештини забележани минатата година биле во границите на прогнозата или се работи за нешто сè уште непознато.
„Главниот двигател на затоплувањето се емисиите на фосилни горива“, вели Фридерик Ото, климатски научник од Институтот Грантам на Империал колеџ во Лондон.
Неуспешното намалување на овие емисии ќе продолжи да го поттикнува затоплувањето на планетата, а тоа ќе резултира со поинтензивни суши, пожари, топлотни бранови и обилни врнежи од дожд, предупреди Ото.
Подготвено од А.Ѓ.