18.04.2024 Скопје
Техничката влада на затворена седница ќе биде запознаена со согледувањата на министерот Бујар Османи од неговиот извештај за настаните во Бањска, Косово, со цел, како што изјави денеска министерот, да се разговара и да се одлучува дали Република Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан во која членуваат и Албанија и Србија.
Османи изјави дека по инцидентот во Бањска тој не учествувал на настаните организирани од Отворен Балкан, но, сепак, рече, Владата ќе ја донесе одлуката за учеството на Република Северна Македонија во иницијативата која, нагласи, имала благородни цели.
„Кога се случи нападот во Бањска во Косово имав изјава дека ова оди спротивно на основната идеја за иницијативата – дека е за помирување. И реков – ако има директна вмешаност на Белград во Бањска, тогаш навистина треба да се преиспита бидејќи ги крши столбовите на основната идеја. Бидејќи сега имам повеќе информации што се случило во Бањска, планирам на затворена седница да ја информирам Владата, а Владата ќе одлучи како ќе постапи понатаму, рече Османи.
Според него, иницијативата „Отворен Балкан“ не е целосна зашто ги нема сите шест земји на Западниот Балкан, туку, рече, е иницијатива во обид која, на идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, имала две цели.
„Помирување за создавање предуслови за затворање на косовско-српскиот спор и за меѓусебно признавање и либерализација на пазарот зашто беше проценето дека 80 отсто од времето камионите на Балканот го поминуваат на граничните премини, а 20 проценти на патот кон нивната дестинација. Се разбира, тоа беа благородни цели во кои ние учествувавме. Но тоа е иницијатива во обид бидејќи додека ги нема шесте земји не е комплетирана иницијатива“, истакна Османи.
Подготвено од М.Д.