09.04.2024 Скопје
Претседателските кандидати од албанскиот блок наместо за Република Северна Македонија се расправаат за Косово. Арбен Таравари вели дека е шокиран од информацијата на портпаролот на Владата на Косово дека Бујар Османи бил изготвувач на планот од 9 точки од ОБСЕ за деескалација и нормализирање на состојбата на северот на Косово, што обезбеди повлекување на косовските специјалци од северот.
„Како може планот што беше целосно отфрлен од Владата на Косово да донесе мир? Оставете ги нападите и бескорисните пофалби господине Османи, објаснете ѝ на јавноста зошто побаравте специјалните полицајци да си заминат на северот на Косово и да останат само обичните полицајци? Знаете ли дека обичните полицајци немаат капацитет да се справат со терористичките сили, како што беше потврдено со падот на паднатиот борец Африм Буњаку? Дали вашиот концепт за мир го отвора патот за терористите и го нарушува суверенитетот на Косово?“, праша Таравари.
Османи потврди дека барањето на ОБСЕ било Србија да ги повлече своите вооружени сили од границата.
„Тогаш во консултации со повеќе центри, раководството на ОБСЕ излезе со предлог за дистанцирање на двете страни. Со други зборови, српската армија да се повлече и да ја намали подготвеноста, специјалните сили на Косово да се повлечат, а северот да биде контролиран од редовните сили на Косово. Лага е дека се барало Косово да не го контролира Северот. Туку, да бидат редовните сили, специјалците да ја напуштат границата со Србија за да не ескалира контакт како што се случи на пример во Бањска“, рече Османи.
Подготвено од М.Д.