FURKAN SALIU

12.04.2024 Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против новинарот од ПорталИкс, Фуркан Салиу по член 382 од кривичниот законик со која доколку обвинителството ја процесуира, обезбеди докази и докаже пред суд, на новинарот му се заканува паричина казна или затворска до три години. Полицијата смета дека Салиу го сторил кривичното дело попречување на службено лице.

„Тој што со сила или сериозна закана дека непосредно ќе нападне врз животот или телото ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие или ќе го присили на вршење службено дејствие, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, стои во членот 382 од Кривичниот законик.

Салиу, откако ја добил информацијата против него, се огласи на социјалните мрежи и изрази сомнеж дека дополнително ќе дојде во контакт со полицијата во обид таа да обезбеди докази.

„Само што нè информираа дека МВР поднело кривична пријава за попречување на службено лице по член 382. Најверојатно ќе се бара претрес во просторите на ПорталХ и во моето живеалиште. Делото не верувам дека можат да го докажат, и повикуваме сите релевантни институции, меѓународните организации добро да пазат како ќе се одвива целата ситуација“, се наведува во текстот напишан од Салиу на Фејсбук.

Подготвено од М.Д.

About Author