ILIR DEMIRI

16.04.2024 Скопје

Министерот за здравство Демири со законски измени ќе го подобрува опфатот со задолжителна имунизација, доколку имаме предвид дека според последните податоци, 10.000 деца не се вакцинирани со ди-те-пер, додека третина од нив немаат примено МРП. Според Демири, јавноста би требала да знае за оние родители кои свесно го прават тоа, загрозувајќи го здравјето на своето дете, нивните имиња да бидат јавно соопштени, затоа што го изложуваат своето дете на болести.

„Ќе предложам законски нормативи, да не можат да одат во училиште без да бидат вакцинирани. Тука ќе се побара и тоа ќе биде еден од условите и потоа сигурно ќе има некоја подзаконска норматива. Тоа останува на правниците. Ако родителот на некое дете не дозволува вакцинација, да има консеквенци, зошто родителот не го вакцинирал детето“, изјави Илир Демири, министер за здравство.

Воедно, невакцинирани лица да не може да се вработат во јавното здравство. Во моментов за мене како инфектолог, „покрај големата кашлица и морбилите кои се веќе присутни во регионот, многу позагрижувачки е фактот за пропуштени доза за полиомиелит, заболување кое нема специфичен третман, со висока инвалидност и смртност кај деца“.

Според Демири, повеќе од два милиона дози на вакцини на Западен Балкан и во дел од Европската Унија се пропуштени за полиомиелит. Ризикот е голем доколку се знае дека низ Република Северна Македонија минуваат многу патишта, а ендемски зони се Авганистан и Пакистан.

Веќе од следниот месец, Календарот за редовна имунизација ќе биде проширен со деветовалентна ХПВ вакцина. Вакцината ќе биде достапна и за младите момчиња.

Подготвено од М.Д.

About Author