30.04.2024 Скопје
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно ги повика сите политички партии кои се декларираат како опозициони, на национално и државно единство против власта.
„Јас повикав на национално единство, антивладино единство и сите политички партии кои што се на македонската политичка сцена се декларираат како опозициски политички партии се добредојдени“, рече Мицкоски.
Додаде дека, поради националното и државното единство, тој во еден момент ги повика дури и Социјалдемократскиот сојуз за и тие да покажат капацитет и да испратат порака против ДУИ до нивните симпатизери и членови, што за жал, беше одбиен од Димитар Ковачевски и од Стево Пендаровски.
„Дури и во еден момент јас и СДСМ го повикав да конечно почне да покажува знаци дека има кај нив капацитет за анти ДУИ порака кон нивните симпатизери и гласачи, бев одбиен за жал и навистина, многу жалам што таа шанса ја пропуштија и Пендаровски и Ковачевски. Но, ајде да заврши 8 мај, да ги видиме бројките и потоа можеме поконкретно да зборуваме“, истакна Мицкоски.
Во однос на изборните резултати на 8 мај, Мицкоски истакна дека очекува убедлива победа и дека според гласовите освоени во првиот круг од претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ би имала 53 пратеници, додека после вториот круг претседателски избори и прв круг парламентарни, очекува ВМРО-ДПМНЕ да освои над 55 пратеници.
Подготвено од М.Д.