https://www.facebook.com/photo?fbid=636837957798134&set=pb.100044158072981.-2207520000..

19.04.2024 Скопје

„Ова е град на непокорот, град од каде се раѓала и негувала македонската револуционерна мисла, град на идеали, вера, истрајност, еснафлук, култура, цивилизација. Од Св. Климент и Наум до Самоил, од Глигор Прличев до Петре Пирузе Мајски. Овде се создавала историја, затоа од овде секогаш почнуваме, поради славните охридски семејства и овој народ тука кој живеел славна историја, која до ден денес ни е патоказ како да ја чуваме и негуваме идејата во која веруваме, а идејата е Република Северна Македонија!“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ вчеравечер од Охрид.

„Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Република Северна Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Република Северна Македонија.

Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Република Северна Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата единствена татковина Република Северна Македонија. Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДСМ и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде. Накусо нема надеж и сон кои не се уништени.

Но во нас мора да се роди повторно пркосот, не им ја даваме Република Северна Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца.

Тргнавме и нема назад, доаѓа цунамито што ќе ги одвее од политичката сцена и ќе ги испрати во заборав на историјата. А историјата може само да ги забележи како лош период во кој заради нив се изгубила човечноста, се уништиле вредностите, се изгубил редот, се изгубила и понижила Република Северна Македонија.

По ништо друго нема да ги памтиме. Ако ги слушате нив ќе помислите дека живееме во Елдорадо, и сите се среќни и богати, имаат изгубено контакт со реалноста.

Рекордери се во Европа по корупција и криминал, нема извештај што тоа не го потврдува, рекордери по сиромаштија и апатија, рекордери по инфлација, 600 илјади граѓани живеат со само 150 денари на ден, а македонската младина е најнесреќна во Европа. Граѓаните не си одат оттука, тие буквално бегаат од Република Северна Македонија. И не само Македонците, сите, би рекол најмногу Албанците, затоа што и тие се разочарани од политиките на партијата која е рекордер по години на владеење во светот, ДУИ, и која истовремено на толку сторен криминал нема еден нивен член што е во затвор. Да не должам на темава да ви кажам. Ќе одговарате за се. Дебело ќе одговорате. Не е ова никаква закана. Ова е мое ветување, запаметете го добро. Ви повторувам, ќе одговарате за се што и направивте на Република Северна Македонија.

Еден пријател Албанец со кого се знам долги години, сме семејни пријатели, ми вели некои имаат впечаток дека со ова што ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа ДУИ му прави услуга на ДУИ и му го качува рејтингот. Јас му велам, не ги потценувај Албанците. Албанците се мудри и еснафи. Гледаат, знаат. И тие не се среќни во Македонија. И нивните деца и внуци си бегаат надвор. Сигурно не бегаат затоа што ДУИ добро владее. Напротив. Бегаат затоа што гледаат дека од ДУИ бел ден не можат да видат. Им пречи што се краде, а тие се секој ден се посиромашни, им пречи што Артан вози коли на фирми кои добиваат тендери по институциите, додека тие едвај врзуваат крај со крај, им пречи што нема учебници во училиштата затоа што фирма блиска до Артан зела тендер за печатење учебници и си поделиле пари, а книги нема. И на Албанците како и на Македонците им пречи што сите продукти во продавниците се поскапени до облаци. И имаме највисока инфлација во регионот. Од лидери во регионот станавме последна дупка овие 6 и половина години. Овие 6 и половина години се години на пропаст, и со право кај и да одиме луѓето, Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите, буквално сите граѓани ни велат дека немаме држава, веќе ја немаме Република Северна Македонија онаква каква што ја сакаме.

Подготвено од М.Д.

About Author