08.04.2024 Скопје
Македонскиот академик и доскорешен претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, во интервју за неделникот Македонско Ехо истакна дека „Република Северна Македонија е поробена земја, а за тоа исклучиво се виновни македонските политичари“.
Тој посочи и кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Републока Северна Македонија во последните 30 години:
Материјалната деградација (неправедната приватизација и уништувањето на повеќето јавни институции во Република Северна Македонија, вклучувајќи ги образовниот и здравствениот сектор) и културната и духовна деградација. Ако се земат предвид договорите со Грција и со Бугарија, Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), неправедните пристапни преговори и непроменетиот, ненаучен пристап на Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик, што, всушност, се потврди со Унилатералната изјава на Бугарија за непризнавањето на македонскиот јазик, поднесена до Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година, произлегува дека Владата, за да започнат пристапните проговори со ЕУ, веќе се согласила дека во Република Северна Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци.
Академик Коцарев во интервјуто кажува и што му недостасува а, што би одзел од државата:
Потребни се сериозни заложби за поголеми издвојувања за наука – без наука Република Северна Македонија нема да постигне економски раст и да обезбеди благосостојба за своите граѓани. Затоа, предлагам да се воведе Министерство за наука, иновации и технолошки развој, во чиј состав ќе влезат, освен постојниот Фонд за иновации и технолошки развој, и два новоформирани субјекти: Фонд за наука и Институт за вештачка интелигенција, при што двата фонда и институтот треба целосно да се департизираат. Што би одзел: слабеење на позициите на извршната власт и администрацијата, па затоа е потребно, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (ЕМС, МЕПСО, Пошта и други).
Според Коцарев „Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори, Република Северна Македонија има само една алтернатива: граѓаните да влезат во бескомпромисна борба за надминување на проблемите со партизираната држава и заробените институции, со дивеењето, корупцијата, злоупотребите, непотизмот, со непочитувањето на државноста и суверенитетот“.
Подготвено од М.Д.