11.04.2024 Скопје
Нови ветувања за трансформација и модернизација на „Македонски железници“, зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава, можеа да се слушнат во саботата на одбележувањето на 151 година од основањето на двете железнички претпријатија „МЖ – Транспорт“ и „МЖ – Инфраструктура“ кои денес тонат во долгови и се одамна паркирани на „слепиот“ колосек.
И додека во Европа и во регионот возот станува најисплатливото превозно средство, се инвестира во нови возови и пруги и во модерни железнички станици, кај нас се кратат и оние линии што останаа, а немаме ниту еден меѓународен воз. Патниците избегнуваат да се возат со воз, а бизнисот мака мачи во справувањето со проблемите на железничкиот транспорт. Поличичарите и оние кои ги управуваат „Македонски железници“ спасот го гледаат во либерализацијата на железничкиот сообраќај.
Вака изгледа состојбата со железничките компании кои во државава се едни од најголемите должници. Според најновиот извештај на Министерството за финансии, „МЖ – Транспорт“ лани направиле долг од скоро 4 милијарди денари (65 милиони евра) и 2023 година ја заврши со загуба од 8 милиони евра, а пак „МЖ – Инфраструктура“ должи 2,5 милијарди денари (41 милиони евра) и уште два милиони евра се недоспеани. Споредено со 2022 година, „МЖ – Транспорт“ лани го намалиле долгот, а „МЖ – Инфраструктура“ го зголемиле. Ова претпријатие со години се бори со финансиски проблеми и постојано од буџетот се прави дотур на пари, за да можат да платат сметки и да поделат плати.
Подготвеноод М.Д.