AVTOPAT MK

08.04.2024 Скопје

Развојот на автопатската мрежа во Република Северна Македонија заостанува и зад регионот и зад Европа.
На многу започнати проекти на патната инфраструктура во земјава, и по повеќе години од нивниот почеток, воопшто не им се гледа крајот. Објавени, па поништени тендери за изведувачи, па распишани или нови само во најава, поставена механизација и почната, па стопирана изградба, еден ден се работи на терен, а потоа со денови или месеци сѐ стои во место е сликата во државава со патиштата.

Светските економски институции со години споменуваат дека квалитетна патна мрежа е еден од предусловите за развој на македонската економијата и наедно за развој на државата.

Клучното прашање е – дали правилно се алоцираат расположливите ресурси и кои се нашите национални приоритети при креирањето на стратегијата за патната инфраструктура? И каде одат тие огромни средства наменети за капиталните инвестиции и проекти?
Економските експерти велат дека поради некои добро познати причини во чија основа се коруптивни поведенија, ние само ги започнуваме капиталните проекти од областа на линиската инфраструктура и ги градиме „од овде до вечноста“ за никогаш да не ги завршиме… Очигледно е дека нам воопшто не ни пречи епитетот „слепо црево на Балканот“, туку ни се побитни индивидуалните и интересите на тесни општествени групи од оние општите, граѓански, државни, национални.

Според последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во врска со државните патишта, се констатира дека недостига системски и аналитичен пристап и има недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата.

Сето ова предизвикува зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците, несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на материјалните средства во подготовка, поради што истите тие не се прикажани како градежни објекти. Потоа неправилно определување на набавната вредност на државните патишта како основа за пресметка на амортизација.

Не е донесена петгодишна програма за извршување на работите од јавен интерес поради што не се создадени услови за долгорочно управување со развојот и одржувањето на државните патишта. Исто така е предизвикано и привремено ангажирање поголем број работници и над максималниот период за кој привремен работник може да биде ангажиран, поради необезбедени согласности за финансиски средства од надлежното министерство итн. – се вели во извештајот од ДЗР.

Со ревизијата е утврдено дека, 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од приближно 234 милиони евра, иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на претпријатието не се соодветно признаени како недвижности. Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотноправни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта што не им се предадени на општините, изградената и непредадена автопатска делница Демир Капија – Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти.

Во извештајот се вели дека овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година. Констатирани се и состојби што претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост.

Подготвено од М.Д.

About Author