pari 2

09.04.2024 Скопје

Македонските потрошувачи во 2023 година потрошиле вкупно 649,3 милиони евра на виртуелните места за продажба во државата и во странство, соопшти Асоцијацијата за е-трговија на Република Северна Македонија (АЕТМ). Ова бројка е за 18 отсто повисока во однос на 2022 година.

Вкупниот број на трансакции е исто така зголемен во однос на 2022 година – за 15,2 отсто, односно биле направени 19,29 милиони трансакции во текот на изминатата година. Физичките лица доминираат како главни потрошувачи на онлајн пазарите – тие ги прават 70,2 отсто од онлајн трансакциите.

Просечната вредност на онлајн трансакциите изнесува 33,7 евра, што е за 2,3 отсто поголема од 2022 година. Растот на просечната вредност на онлајн трансакциите е поголем кај правните лица – 45,6 евра, и се забележува поголем раст – 6,8 отсто, во споредба со физичките лица, каде порастот е само за 1,05 отсто, а просечната вредност изнесува 30,3 евра.

Од друга страна, има намалување во однос на трансакциите кон домашните е-трговци, на сметка на зголемениот раст на вредноста на направените е-трансакции кон странски-трговци. Учеството кон домашните е-трговци изнесувало 72 отсто од сите трансакции во 2022 година, а во 2023 таа бројка е 70 отсто. Сепак, вкупниот вредност на парите слеани кон домашните е-трговци изнесува 453.6 милиони евра што претставува пораст од 15,2 отсто во однос на претходната година.

Во Народната банка на Република Северна Македонија регистрирани се вкупно 1.703 виртуелни продажни места, што е за 105 повеќе од вкупниот број во 2022 година. Три четвртини од продажните места биле активни, односно имале барем една трансакција во текот на годината.

Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска најави дека агенцијата и оваа година ќе ја поддржи е-трговијата преку активности како што се регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативни кампањи, за да се влијае за поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните.

Подготвено од М.Д.

About Author