15.04.2024 Скопје
На официјалниот блог на Windows, Мајкрософт објави детали за новата тест верзија на својот оперативен систем која е достапна само за одреден број на Windows Insiders. Меѓу различните подобрувања и новитети на Windows 11, едно особено го привлече вниманието на медиумите, а тоа се рекламите во менито Start.
Во делот за препораки, на местото каде што се наоѓаат неодамна инсталираните и најчесто користените апликации, сега ќе бидат прикажани препораки кои, според блогот, ќе им помогнат на корисниците да откријат апликации во продавницата за апликации на Microsoft.
Станува збор за реклами кои ќе бидат достапни само во рамките на тест верзијата и за корисниците во САД, а опцијата може да се исклучи во поставките на овој оперативен систем. Мајкрософт потсетува дека постојано тестираат нови искуства и концепти за своите производи, кои на крајот не мора да ги имплементираат во финалните верзии, туку таа имплементација зависи од повратните информации и задоволството на самите корисници.
Значи, ако мнозинството од тест-корисниците ја поздрават оваа опција, се очекува дека Microsoft на крајот ќе ја напушти и нема да ја имплементира во некоја од идните финални верзии на Windows 11.
Како треба да изгледаат рекламите во Start менито на Windows 11 можете да видите на приложената фотографија објавена од Microsoft. Во списокот на апликации и документи, се наоѓа апликацијата за управување со лозинка 1Password, означена со портокалова боја. Станува збор за реклама за апликација која корисниците можат да ја преземат од Microsoft Store, а од она што можеме да го прочитаме на нивниот блог, таа треба да прикажува препораки само за такви програми кои ќе бидат достапни за преземање од онлајн продавницата на Microsoft.
Ова не е прв обид да се експериментира со реклами во Windows 11, па компанијата почна да тестира реклами во File Explorer минатата година, но на крајот се откажа од таа идеја. Компанијата експериментира со прикажување реклами во Windows повеќе од десет години, така што тестирањето реклами во тековната верзија на нивниот оперативен систем не е изненадување.
Подготвено од А.Ѓ.