04.04.2024 Скопје
Синџирот маркети „Лидл“ во централниот регистар во Република Северна Македонија изминатите денови запиша промена во основната главнина и паричен влог од 135.000.000 евра уште сега, иако допрва треба да го гради логистичко-дистрибутивниот центар и продажните центри во земјата.
Ова се пари кои веќе се инвестирани во недвижен или подвижен имот, како и да послужат за набавки на материјали, обука на вработени, итн. Упатените појаснуваат дека средствата што се внесени ќе им бидат на располагање за купување на парцели, плаќање комуналии, но и кои може да се искористат за инвестиции во дистрибутивниот центар крај Куманово. Да се користат во набавка на возила, реновирање и опремување на маркетите кои ќе ги користат, како и во набавка на стоки.
Во јануари во индустриската зона Речица, во близина на Куманово, започна изградбата на логистички и дистрибутивен центар на германската компанија „Лидл“. Комплексот се простира на 170 хектари, а самиот објект ќе биде со површина од 64.000 метри квадратни. Инвестицијата е вредна 80 милони евра и ќе се отварат нови 150 работни места. Рубријан Хаџиев, генералниот директор на „Лидл“ во Република Северна Македонија, тогаш кажа дека тимот на овој продажен синџир во нашата земја веќе брои 100 вработени.
Беше посочено дека синџирот маркети ќе откупува и земјоделски и кондиторски производи од нашето поднебје и ќе ги продава во своите маркети во земјава, но и во останатите продавници во соседството. Освен што овие пари се чиста инвестиција во земјата, компанијата нема да користи државни субвенции, а од „Лидл“ се очекува да понуди и пониски цени и да даде поголеми плати за вработените во малопродажбата.
Од она што е познато, „Лидл“ веке купи парцели и постоечки објекти во Скопје, на местото на поранешен „Бриколаж“ и Момин Поток, како и во Битола, а медиуми во меѓувреме објавија дека е купен недвижен имот и во Кавадарци. Зборувано е и со градоначалниците на Штип и на Кисела Вода, а неофицијално се споменуваше и Охрид. Првите маркети треба да ги отворат вратите во 2025.
Меѓународниот синџир на маркети „Лидл“ има 11.200 продажни објекти во 32 земји ширум светот, а вработува над 300 илјади луѓе во светот.
Подготвено од М.Д.