04.04.2024 Скопје
Од денеска, Националниот демократски институт (НДИ) официјално ја почнува кампањата за подигнување на јавната свест за елиминација на насилство врз жени во политиката, под слоганот „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“. Кампањата е дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените, имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ), а финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна поддршка (Сида) и ќе се спроведе за време на претседателските и парламентарните избори.
Планирана е агресивна кампања на социјалните медиуми заради тоа што, како што рече, поле каде што се случува најмногу говорот на омраза се токму социјалните медиуми и тие што го вршат говорот на омраза многу често остануваат неказнети.
НДИ и за време на Локалните избори во 2021 година реализираше ваква кампања. Податоците од кампањата за подигнување на свеста за спречување на насилство врз жени кои се занимаваат со политика, под мотото „Заокружи“ НЕ“, спроведена за време на Локалните избори 2021 година од НДИ, покажуваат дека шест од десет политичарки искусиле некаков вид на насилство.
Според податоците од истражувањето на Национален демократски институт (НДИ), 65 проценти од испитаните политичарки во Република Северна Македонија доживеале некаков вид на насилство додека ги извршувале своите партиски функции, 54 проценти истакнале дека насилството е извршено од страна на член на нивната политичка партија, а дури 62 проценти од политичарките одбрале да не го пријават инцидентот поради недоверба во институциите.
Подготвено од М.Д.