10.04.2024 Скопје
Лани ВМРО-ДПМНЕ имала приход од 104 милиони денари. Најголем донатор ѝ била државата, која и уплатила 97 милиони. Во графата донации, кадешто се евидентирани 3 милиони 700 илјади денари, најголем донатор е фирмата за одржување хигиена „Лувак 2020“ со вкупно 800 илјади. Останатите се приватни лица, пратеници и партиски функционери кои издвоиле од 25 до 216 илјади денари.
Вкупните расходи се 98 милиони, 21 се за потрошена енергија, 6 и пол за реклами и пропаганда, а 6 милиони за камати. Годината ја завршува со нето вишок од 6 милиони, што е 4 милиони повеќе отколку минатата година.
СДСМ има приход поголем за 15 милиони, или вкупно – 119 милиони. 2 милиони и 900 илјади потекнуваат од членарина, подароци, донации и друго, што е околу половина милион помалку од лани. Над 88 милиони ги водат како приходи од други извори.
Над 17 милиони потрошиле за реклама, пропаганда и репрезентација, 5 милиони за транспорт, исто толку за енергија, или вкупно – 40 милиони. Бележи нето добивка од 53 милиони што е двојно повеќе од лани.
Со 156 милиони, ДУИ има најголем приход. Две третини од тие пари, или, 105 милиони се пренесени од претходната година. 2 милиона се дојдени од камати, 1 милион од членарина, а 1 и пол од донации.
Меѓу подарежливите донатори е лидерот Али Ахмети со 36 илјади, додека техничкиот премиер Талат Џафери дал 15 илјади. За реклами потрошиле над 2 милиона, изнајмиле простор и опрема за милион и 600 илјади, исто толку дале за камати, а во графата други финансиски трошоци впишале 7 милиони. Повторно имаат голем вишок од 135 милиони.
Алијанса за Албанците имала приход од 23 милиони – 17 милиони од Буџетот, 2 од членарина, еден и пол од донации. Најмногу потрошила за поправки – 3 милиони и 600 илјади, потоа за комунални услуги и 1 милион за реклами.
Државата ги финансира повеќето партии: на Левица и доделила 14 милиони, на ГРОМ 8 милиони, а по 4 милиони на Твоја, ТМРО, Родина и на други.
Финансиските извештаи за приходите и расходите на 42 партии ги објави Државниот завод за ревизија заради подобар увид во управувањето со јавните средства.
Подготвено од М.Д.