indija

18.04.2024 Скопје

Индија, најнаселената земја во светот е на прагот на изборите кои ќе почнат на 19 април и ќе траат до 1 јуни. Право на глас на овие избори имаат дури 968 милиони луѓе, а за се да се одвива безбедно, гласањето ќе се одвива во седум фази.

Првиот ден на изборите ќе биде на 19 април, потоа на 26 април, потоа на 7 мај, а ќе продолжи на 13 мај, 20 мај, 25 мај, а последниот ден на изборите ќе биде на 1 јуни. Според договорот, сите гласови ќе се пребројуваат во ист ден, на 4 јуни, а интересно е што истиот ден ќе бидат објавени и изборните резултати, а планот е целиот изборен процес да заврши до 6 јуни.

Од вкупно 968 милиони луѓе со право на глас, 497 милиони се мажи, а 471 милион жени, меѓутоа, традиционално, тие гласаат во поголем процент, поради што добар дел од кампањата беше насочена кон нив. Кога станува збор за бројки, Изборната комисија на Индија ќе вработи околу 15 милиони државни службеници.

Речиси 2.400 партии ќе учествуваат на изборите за Лок Саба, односно за Долниот дом на Парламентот, кој ќе се бори за вкупно 543 пратенички места. За формирање влада, односно мнозинство се неопходни 272 места, а судејќи според анкетите и истражувањата, сегашниот премиер Моди (73) би можел да добие трет мандат. Ако победи, Моди ќе стане само вториот премиер по Џавахарлал Нехру, три мандатен премиер на Индија, кој е херој на независноста на Индија. Нему и на неговата партија Бхартија Џаната (БЈТ) ќе им се спротивстави сојуз од дваесетина опозициски партии предводени од главната опозициска партија Конгрес. Таа коалиција се вика ИНДИЈА, а интересно е и тоа што Конгресот владееше со Индија 54 од вкупно 76 години од независноста од Британија во 1947 година. Нивниот главен лидер е Рахул Ганди, а Конгресната партија е на најниско ниво.

На претходните избори партијата на премиерот Моди освои 303 места, а опозицискиот Индиски национален конгрес 52 места.

Како што веќе кажавме, изборите ќе се одржат во шест фази. За гласање се користат машини кои беа воведени во далечната 1982 година, а на претстојните избори ќе се користат дури 5,5 милиони вакви апарати на околу милион избирачки места. Гласачите гласаат со притискање на копчето до името на кандидатот и симболот на партијата. Според инструкциите на индиската изборна комисија, избирачките места треба да бидат на растојание од два километри од секој гласач, а претставниците на изборите, околу 15 милиони од нив, честопати мораат да патуваат со денови во оддалечените области или да се искачуваат на непристапни ридови за да им овозможат на сите да го дадат својот глас. . Во еден случај, според некои медиуми, официјални лица ќе патуваат низ џунглата во западната држава Гуџарат за да стигнат до еден гласач.

Како и на сите избори досега, големо внимание се посветува на безбедноста во изборниот период. Истото важи и овој пат, каде полицијата со денови патролира по улиците, пребарува возила и го одржува јавниот ред и мир. Последните избори во 2019 година доживеаја насилни судири во источната држава Западен Бенгал. Во тој период имаше судири меѓу приврзаниците на Моди и приврзаниците на Конгресната партија Тирнамуул, а експлодираа и неколку бомби од „домашна изработка“. Западен Бенгал избира 42 пратеници, со што е трета најважна држава на изборите.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author