05.04.2024 Скопје
Од 11 април до 7 мај ќе се одржува јубилејното 20. издание на Танц фест Скопје 2024, под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“, најави уметничката директорка Рисима Рисимкин.
Отворањето е со програмата „Паралели“, која фестивалот ја остварува во соработка со Националната опера и балет (НОБ). Фестивалот ќе се отвори на 11 април со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи Букле, на 16 април ќе се изведе современата претстава „Сага“ во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и на 23 април, балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, чиј креативен тим го сочинуваат костимографот Александар Ношпал и драматургот Соња Здравкова-Џепароска, а кореографиите се: „Раѓање“ на Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андоновска, „Преплетување“ на Адријана Данчевска, на музика на Александар Гроздановски и „Вознес“ на Саша Ефтимова, на музика на Александар Пејовски.
На 17 април во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се претстават повеќе современи кореографи, ќе има претстава со кореографии на Каи Чун Чуанг и Марија Шуркал, во продукција на „Вертикалити танцова компанија“ на Роуз Брус од Линц, Австрија, како и кореографиите „Гризење“ на Тереза Лазарев и „Језгро“ на Бисера Димчевска со Наталија Трифуновиќ.
Јубилејната прослава на фестивалот е закажана на 30 април во Македонскиот народен театар (МНТ), со претстава на Скопје танцовиот театар и кореографии на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска. Вечерта ќе се додели наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет.
На 11 мај во МНТ ќе се прикажат две кореографии, „Блокови“ на Дејан Битровски и „Табу република“ на Бобан Русески.
Танц фест Скопје 2024 во склоп на јубилејната програма, од 13 до 17 мај ја вклучува програмата „Мувинг Балканс“, во која ќе уќествуваат уметници од 11 земји: Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и Македонија, со кореографи и професори од Холандија и Италија.
На 13 мај во МКЦ ќе се изведе претставата „Импулс“ на Скопје танцов театар 2, во која ќе настапат студентите при Катедрата за современ танц и Балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Овогодинешното издание ќе заврши со претставата ‘Мозаик’ на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните Олимписки игри во Париз, Мурад Мерзуки, кој нашата публика го памти по претставата ‘Пиксел’. Фестивалот, гостувањето на Мурад Мерзуки го остварува преку соработка со Францускиот институт во Скопје“, вели Рисимкин.
Подготвено од М.Д.