hapsenje-1-2

08.04.2024 Скопје

Четири месеци лажел дека работи во Агенцијата за национална безбедност и успеал со закани да му земе 180.000 евра на лице кое било управител на фирма. Управителот му давал пари, златен накит и автомобили за да престане со заканите по неговиот живот и на членовите на неговото семејство.

Тој се товари дека ги сторил кривичните дела Изнуда и Лажно претставување.

Претставувајќи се како вработен во АНБ и посредник за исплата на долг, осомничениот на оштетениот 54-годишник, управител на фирма, му вршел притисоци со закани за неговиот и животот на неговото семејство, па во повеќе наврати му земал парични средства, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит, соопштија од Обвинителството.

Полицијата го фатила изнудувачот со обележани 500 евра, кои му ги дал управителот на фирмата по претходен договор со полицијата.

На 05.04 околу 17.00 часот, по претходен договор помеѓу нив, на ул.”Симеон Кавракиров” во Скопје М. Г. му предаде 500 евра на И.Ј., кои претходно беа криминалистичко-технички обработени. Веднаш потоа, во заедничка акција на Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното насилство при Одделот за сузбивање на сериозен криминал и Единицата за насилен криминал при СВР Скопје И. Ј. беше лишен од слобода и задржан во Полициската станица Кисела Вода за понатамошно постапување, велат од МВР.

Во ек на политичка кампања и овој случај политичките партии го искористија за меѓусебни обвинувања.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, дале рекетираните 180.000 евра требало да завршат за црната кампања на СДСМ?

„Како рекетарот го убедил бизнисменот дека има врска со АНБ, за да нема друг избор и да му даде 180.000 евра во пари, накит и автомобили? И тука доаѓаме до следното, каде требало да завршат парите? Дали рекетарот се претставувал во име на Заре Милошевски, директор на АНБ и Миле Зечевиќ? Влетува ли и АНБ во листата институции поврзани со Асаф Еисин и фалсификување на документи и фалсификување на потписи? Дали овие 180.000 евра изрекетирани од бизнисмен од Скопје требало да завршат кај Асаф Еисин за ангажманот за СДС?

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски не одговори конкретно дали знае за кого станува збор, но им врати обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека работа на Обвинителстото е да ги испита документите во кои се тврди дека опозициската партија незаконски води предизборна кампања.

На изнудувачот Обвинителството му одреди 30 дневен притвор.

Подготвено од М.Д.

About Author