26.04.2024 Скопје
Пред Врховниот суд на САД завршија усните аргументи за имунитетот на поранешниот претседател Доналд Трамп од кривично гонење за неговиот обид да ги поништи неговите претседателски избори во 2020 година.
Трамп поднесе жалба до највисокиот американски суд откако пониските судови го одбија неговото барање да биде заштитен од четири кривични пријави поврзани со изборите во 2020 година.
Следната јавна седница е закажана за 9 мај, најави судската претставничка Гејл Керли, но не се знае кога судот би можел да донесе и да соопшти конечна одлука за овој случај.
За време на седницата, судиите на американскиот Врховен суд изразија скептицизам кон тврдењата на поранешниот претседател Доналд Трамп, врз основа на кои тој побара од судот да прогласи имунитет од кривично гонење.
Судиите на Врховниот суд, со конзервативна ориентација, покажале разбирање за аргументот дека претседателите треба да уживаат одреден имунитет во врска со можните кривични пријави за одредени дејствија што ги презеле додека биле на функција.
Во американскиот Врховен суд моментално доминира конзервативно мнозинство од 6-3, составено од тројца судии назначени за време на мандатот на Трамп, вклучувајќи ги Ејми Кони Барет, Брет Каванаг и Нил Горсух.
Доналд Трамп се соочува со уште три кривични пријави кои произлегуваат од неговите напори да ја поништи загубата на изборите во 2020 година и неговото ракување со доверливи документи откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.
Тој се изјасни за невин во тие случаи и тврди дека кривичната пријава била поддржана од демократските сојузници на претседателот Џо Бајден за да ја поткопа неговата кампања.
Подготвено од А.Ѓ.