https://www.facebook.com/PresidentDonaldJTrump2017/photos/3414279438794150

19.04.2024 Скопје

Судот во Њујорк назначи 12 поротници кои ќе ја донесат конечната пресуда во врска со обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводно фалсификување деловни документи во случајот со тајни плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, пред судот во Менхетен.

Меѓу 12-те поротници има седум мажи и пет жени.

Изборот на поротата ќе продолжи денеска, бидејќи пред почетокот на судењето треба да се изберат уште шест алтернативни поротници.

„Имаме порота“, рече судијата Хуан Меркан откако новите поротници положија заклетва дека ќе носат одлуки „праведно и непристрасно“.

Меркан рече дека судот е на добар пат да го започне судењето со воведни зборови од понеделник, 22 април.

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го обвинува Трамп за фалсификување деловни документи во 34 точки и е прво кривично обвинение против американски претседател.

Обвинителството тврди дека Трамп со фалсификување документи всушност сакал да го прикрие своето влијание врз изборната кампања во 2016 година, односно да ја намали штетата што би била предизвикана од обелоденувањето на наводните афери.

Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author