01.04.2024 Скопје
Собранието денеска со почеток во 13:30 часот ќе одржи итна седница за Предлог законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка, предложен од Владата.
Како што информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието Јован Митрески, седницата ќе се одржи по барање на група пратеници од опозицијата и од мнозинството.
До крајот на 2026 година да се пролонгира рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид предлага Владата, која минатата недела на седница утврди предлог одредби за законски дополнувања со цел склучување нов, шести по ред анекс на Договорот за изградба со кинески „Синохидро“.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра. Од Министерството за транспорт и врски информираа дека со предложените законски дополнувања се пролонгира рокот за изградба, а финансиските средства за изградба остануваат непроменети, односно 598 милиони евра.
Подготвено од М.Д.