26.04.2024 Скопје
Неколку илјади домородни луѓе маршираа до седиштето на владата во Бразилија, протестирајќи против неуспехот на владата да ги заштити нивните наследни права на земјиштето.
Домородните жители се незадоволни од плановите за изградба на железница за транспорт на жито од сојузните држави на Бразил каде што се произведува до пристаништата во Амазон за извоз.
Домородците стравуваат дека тоа ќе ја уништи животната средина на племенските заедници во близина на реката Тапажос.
Тие демонстрираа против железницата Ферогао, како и против локалните трговци со жито.
„Ферогао е воз на смртта, симбол на уништувањето на шумите. Железницата нема да превезува луѓе, како што тврдат, туку жито од компаниите кои го финансираат овој проект“, рече Алесандра Корап Мундуруку, добитничка на Голдман наградата за екологија.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во четвртокот прими група од 40 демонстранти кои го предводеа маршот до плоштадот меѓу претседателската палата Планалто и Врховниот суд.
„Морална должност е да направам се што можам за да ги намалам страдањата на домородните народи и да ги гарантирам нивните права“, рече Лула.
Водачот на племето Макуши, Едињо, изјави дека на демонстрациите учествувале околу 8.000 луѓе.
Главна причина за незадоволството на демонстрантите, велат тие, е неисполнувањето на ветувањата на бразилската влада за официјално признавање на автохтоните резервати кои го завршија процесот на разграничување, откако беше утврдено дека станува збор за наследно земјиште.
Подготвено од А.Ѓ.