студенти-протест-пред-мон.jpg-5-702x336

23.04.2024 Скопје

Четири месеци по објавување на конкурсот за стипендии за постдипломци и докторанти Министерството за образование и наука сè уште ги нема објавено резултатите.

Со Конкурсот за студенти на втор циклус во академската 2023/24 се предвидуваат 50 стипендии во износ од 9.000 денари, од кои 40 се наменети за природно-математичките науки, а десет за општествените науки. За студентите на трет циклус МОН предвиде 15 стипендии во висина од 18.000 денари. Но, до денес нема ниту исплата, ниту резултати.

Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) велат дека до нив за ова реагирале засегнатите студенти.

„Она што изненадува е дека на секторот кој има должност да ги обработи апликантите за вкупно 65 стипендии за втор и трет циклус му се потребни повеќе од 2 и пол месеци за да ги обработи и објави резултатите од самиот конкурс, а додека секторот кој ги обработува стипендиите за прв циклус обработува повеќе од 2000 апликанти за временски период од 1 месец“, вели студентскиот лидер Александар Николовски.

Тој додава дека од февруари наваму неколку пати се обратиле и до секторот наука и до министерот директно за резултатите, на што добиле одговор дека резултати ќе има наскоро.

„Несериозно е институција како Министерството за образование и наука временски да ги одолговлекува резултатите за стипендии кои значат многу за одредена група студенти кои поради интегративноста на студиите ‘приморани се’ да запишат втор циклус, а притоа тие студии не чинат малку“, посочува Николовски.

Од ресорното министерство за Радио МОФ велат дека во моментов се прави селекција на пријавените кандидати, а резултати ќе има наскоро. Оттаму информираа дека се пријавени многу повеќе студенти отколку што има предвидени стипендии.

Во соопштението за конкурсите пишува дека и двата конкурса ќе траат сè додека не се не се исполни вкупниот број на предвидени стипендии. Доколку се пријават поголем број на кандидати за стипендиите за магистерски и докторски студии, тогаш Министерството ќе изврши рангирање врз основа на критериумите за пријавување.

Линковите кои водеа до конкурсите сега се нефункционални, а конкурсите ги нема ниту на веб-страницата на МОН. Од МОН за ова велат дека е бидејќи има доволен број пријавени на конкурсите.

Подготвено од М.Д.

About Author