most belasica

18.04.2024 Скопје

Се почна во мај лани кога изби пожар во кој беше оштетен мостот Беласица. Поради тоа  едната од главните сообраќајни артерии во градот се затвори.

Пламените јазици ги зафатија и електричната инсталација, но и топловодот  преку кој од ТЕТО се испорачува топлинска енергија за време на грејната сезона.

Почнаа анализи колкава е штетата, колку време ќе биде потребно да се санира и кога би можело да се очекува да биде пуштен во употреба за да се растерети градот од гужвите кои настанаа поради затворањето на овој мост.

Но, наместо одговори кога би се случило тоа ЕСМ и Град Скопје со месеци се препукуваа кој треба да ја доврши работата.

И по толку време мостот е полуфункционален.  Се уште стојат барикади кои го обележуваат местото каде не можат да движат возила.

Повторно на прашањето што се случува со мостот. Од Град Скопје со речиси идентичен одговор како и претходно. Тие навреме почнале со сите активности, но за да биде пуштен целосно ЕСМ треба да ги заврши финалните работи.

Сепак, едно е сигурно ако набргу не биде пуштен целосно во употреба, идниот месец мостот Беласица, токму по изборите  ќе одбележи една година од пожарот кој му нанесе проблеми.

Подготвено од М.Д.

About Author