19.04.2024 Скопје
Туристите заглавени на главните аеродроми во градот поради апокалиптичните поплави во Дубаи остануваат без храна и вода, додека со часови чекаат информации и поддршка во настанатиот хаос во еден од најпрометните транспортни центри во светот.
Околу 290 летови до и од меѓународниот аеродром во Дубаи беа откажани вчера, а уште 440 летови беа одложени, по рекордните врнежи од дожд и поплавите во заливските држави во кои загинаа 20 лица.
Патниците велат дека чекаат со часови на двата главни аеродроми и им се даваат малку информации и поддршка.
Тешко им е да дојдат до храна, која исто така снемала во бесцаринските продавници на аеродромите, како и разни потреби за деца и бебиња, од кои има многу меѓу патниците.
Рекордните врнежи го натераа меѓународниот аеродром во Дубаи, вториот најфреквентен во светот, да пренасочи десетици пристигнувања и да откаже бројни летови.
Емирати, голема меѓународна авиокомпанија со седиште во Дубаи, го прекина пријавувањето на патниците кои заминуваат од Дубаи до четврток поради „оперативни предизвици“ поради лошите временски услови.
„Сите сме заглавени на овој аеродром со слаби ресурси, тука има стотици, ако не и илјадници луѓе. Мораа да го отворат бесцаринскиот за да јадеме нешто, но сега и тоа снемува“, се жали патник од Велика Британија.
Луѓето спијат на подот од чекалните, насекаде има омоти за храна и се е „прилично валкано“, велат на социјалните мрежи.
„Мислам дека беше полошо отколку што некој очекуваше, системот внатре во аеродромот целосно се расипа, а Емирати, која ја сметам за една од најдобрите авиокомпании, нема персонал, нема информации, нема координација, нема професионализам, нема загриженост, нема план во случај на катастрофа… Чудно е, големите компании обично планираат вакви настани“, критикува еден патник од Австралија.
„Патниците викаа и протестираа на информативната маса, персоналот никаде го немаше. Морничаво е, стискани сме како животни, ова е опасно и нехумано. Ова е апсолутно неподносливо“, вели патник од Холандија.
„Тука сме веќе 13 часа. Нема храна. Нема објекти каде што ни кажаа да бидеме“, изјави брачниот пар од Шкотска.
„Некои места се под вода еден метар или повеќе, илјадници домови се поплавени. Патишта пропаднаа со автомобили кои пропаднаа. Протечеа многу трговски центри“, вели Британец кој живее тука десет години.
Снимките од центарот на Дубаи покажуваат десетици потопени возила на дел од автопатот Шеик Зајед, како и долги сообраќајни метежи на други места на автопатот со 12 ленти. Иако заканувачките облаци се распаднаа, многу е сè уште под вода, а инфраструктурата е урната.
Во вторникот, Обединетите Арапски Емирати ги претрпеа најобилните врнежи од почетокот на евиденцијата пред 75 години. Националниот метеоролошки центар соопшти дека за помалку од 24 часа наврнале 254,8 мм дожд во Хатм ал Шакл, во емиратот Ал Аин.
Подготвено од А.Ѓ.