gaza vojna 1

09.04.2024 Скопје

Хамас денеска објави дека израелскиот предлог за примирје и ослободување на заложниците што го доби од катарските и египетските посредници не исполнува ниту едно од барањата на палестинското милитантно движење кое ја има власта во Појасот Газа.

Во соопштението се изразува благодарност за напорите на посредникот, но се наведува дека Израел не одговорил на ниту едно барање на Хамас.

Хамас додава дека, и покрај оваа загриженост, го проучува последниот предлог и „ќе ги информира посредниците за неговиот одговор кога ќе биде завршен“.

Најавата доаѓа во време на интензивни напори на САД, заедно со катарските и египетските посредници, да постигнат договор за ослободување на заложниците кои Хамас ги држеше во Појасот Газа од 7 октомври, во замена за прекин на огнот во тековниот конфликт во палестинската енклава.

Договорот што моментално се дискутира повикува на ослободување на околу 40 израелски затвореници кои се држат во Газа во замена за привремен прекин на огнот и ослободување на стотици палестински затвореници од затвор, вклучително и некои осудени за смртоносни напади.

Хамас бара траен прекин на огнот во Газа, со враќање на Палестинците во своите домови во северниот дел на Газа и целосно повлекување на израелските војници.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author