08.04.2024 Скопје
Податоците на Народната банка за кредитната активност на банките во земјава заклучно со декември 2023 година покажуваат дека банките имаат пласирано кредити во вкупен износ од 244.795 милиони денари кај домаќинствата.
Кредитната изложеност кон компаниите изнесува 276.240 милиони денари, а кон финансиските институции и кон државата 268.448 милиони денари. Ова практично значи дека трите сектори се речиси изедначени во висината на земени пари на кредит.
Ова претставува неповолен тренд за домашната економија затоа што евидентно е зголемено задолжување на граѓаните кај банките, но нема позначителен раст на инвестициската активност на компаниите, која треба да резултира со поголем економски раст кој може да издржи и поголема задолженост на државата и на граѓаните.
Напротив, податоците од Народната банка покажуваат дека компаниите во минатата година најмногу се обраќале кај банките за задолжување за алтернативно финансирање на бизнисите, односно за инвестиции во залихи и обртен капитал, интерно финансирање, престуктуирање на долгот и за заеми од останати банки.
Зголемената задолженост на граѓаните во банките, пак, најмногу се должи на потрошувачки кредити. Тие се најомилени за задолжување на граѓаните или, пак, можеби најлесно достапни за нив.
Од вкупната кредитна изложеност на банките кон физичките лица во износ од 244.795 милиони денари, дури 122.702 милиони денари, односно половина се потрошувачки кредити.
После потрошувачките кредити доаѓа кредитната изложеност по основ на станбени кредити, која изнесува 83.169 милиони денари заклучно со декември 2023 година. Следуваат кредитните картички со 19.964 милиони денари и негативните салда по тековни сметки со 14.199 милиони денари.
Граѓаните најмалку се задолжени кај банките по основ на автомобилски кредити, кои ретко која банка и ги нуди, и по основ на кредити за набавка и реновирање деловен простор.
Подготвено од М.Д.