https://www.facebook.com/photo.php?fbid=461193036043857&set=pb.100064594937640.-2207520000.&type=3

12.04.2024 Скопје

Многу „сопки“ има на патот на борбата со корупцијата и Македонија назадува во владеењето на правото. Државата доби лоша генерална оценка, во најновиот извештај на „Фридом Хаус“ со наслов „Држави во транзиција“.

Република Северна Македонија спаѓа во групата циклични хибриди, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од регионот, а во оваа група е и Ерменија. Од друга страна се таканаречените „демократизирачки хибриди“, каде што се Украина, Косово и Молдавија. Во „автократизирачки хибриди“ е Србија, заедно со Унгарија и Грузија.

Од оценуваните седум категории во Република Северна Македонија, нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење.

Оценката паднала во две категории – судската рамка и независност и корупцијата.

Генералната оценка во процентот за демократија на нашата земја, изнесува 46 од вкупно 100.

Во извештајот на „Фридом Хаус“ се нотира дека владини претставници, претседателот, амбасадори и целокупната јавност изразија незадоволство по серијата скандали во Судскиот совет, откако претседателката Весна Дамева беше сменета од позицијата.

Дополнително, назначувањето на обвинители и судии, кои се семејно поврзани со истакнати политичари (вклучително и синот на тогашниот спикер, а сегашен премиер Талат Џафери), ја зацврсти јавната перцепција за непотизам во судството.

Александра Карпи од „Фридом Хаус“, која е една од авторките на извештајот, во изјава за „Гласот на Америка“, вели дека во Република Северна Македонија преовладува чувството дека институциите не им служат на сите граѓани.

Слободата на изразување генерално се почитува, велат од „Фридом Хаус“, но на полето на медиумите има забележлива поделеност, вклучително и по етничка линија.

Новинарите, особено оние коишто известуваат за корупција и злоупотреба на моќта, продолжуваат да се соочуваат со притисоци и други предизвици.

Во извештајот се акцентираат и потпросечните услови за работа на медиумските работници, но и предизвиците во одржливоста на медиумските компании.

Подготвено од М.Д.

About Author